Соработка со САД за заштита на Охридското Езеро била темата на средбата на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
На средбата, како што информираат, се дискутирало за техничка и научна соработка за заштита на Охридското Езеро, природно и културно богатство кое е заедничко за Македонија и Албанија.
Целта на соработката, како што информираат од МЖСПП, е подобрување на квалитетот на водата, управување со рибниот фонд и развој на одржлив езерски туризам.
Во текот на 2024 година, двајца американски експерти спроведоа теренски посети и двонеделни средби во регионот на Охрид за да ја оценат актуелната состојба. Извештајот од таа посета содржи неколку конкретни препораки, меѓу кои: зајакнување на капацитетите на Хидробиолошкиот институт преку модернизација и поддршка на научниот кадар, создавање национална долгорочна програма за лимнолошки мониторинг и рибниот фонд, развој на заеднички прекуграничен план за управување со инкубаторите и заштита на охридската пастрмка, воспоставување механизми за рано откривање на инвазивни видови, како и развој на истражувачка програма за одржлив туризам и зајакнување на улогата на граѓанските организации.



