четврток, 12 ноември 2026
Најново

Мицкоски нема да бара одговорност од Меџити

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Четири лица се приведени во врска со пожарот што вчера избувна во Трубарево, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. Повикувајќи се на последните мерења од Армијата и Институтот за јавно здравје, Мицкоски посочи дека нема вонредно големо загадување.

Премиерот попладнево од Трубарево посочи дека секој треба да ги следи препораките од институциите и најави дека сите кои се наоѓаат во периметарот на пожарот ќе бидат евакуирани и згрижени.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

„Последните мерења што ги прават и Армијата и Институтот за јавно здравје велат дека немаме вонредно големо загадување. Ако вчера беше на мерна единица помеѓу осум и девет, сега е меѓу пет и шест, повторно има, но не е вонредно големо загадување. Зборувам во периметар од 100 метри околу местото каде што се случи пожарот“, рече Мицкоски.

На прашањето, дали ќе побара одговорност од министерот за животна средина Изет Меџити по објавите за негови предизборни партиски активности откако избувна пожарот, рече дека цело време имале комуникација и оти се преземени сите мерки.

„Со Меџити бев цело време на линија и јас вчера. И тој беше на линија со сите министри и Управувачкиот комитет, така што буквално сите мерки беа преземени во текот на вчерашниот ден. И денеска ќе бидат преземени и во деновите што следат. Да се намали тензијата, нема потреба од паника, работата е целосно под контрола“, изјави Мицкоски.

Во однос на чекорите што ги презема Владата за подобар систем за управување со отпад, премиерот потсети дека е распишан повик за регионална депонија за сметот во југоисточниот дел на државата, дека почната е продецедура за депонија за смет во југозападниот дел, а наведе и дека се придвижил процесот за пречистителна станица во Битола, Тетово, Скопје и уште многу други работи.

На прашањето дали чувствува одговорност што дури по полноќ и без присуство на медиуми дошол на местото на настанот и снимил изјава, министерот за животна средина Изет Меџити денеска одговори дека цело време бил во тек и на линија со министерот за внатрешни работи, иако, рече, МЖСПП не е дел од Управувачкиот комитет за справување со кризи.

Негова оставка од функцијата денеска побараа од ДУИ.

Поврзани вести