Мицкоски од Брисел: Македонија е дел од Европа, но поради вештачки пречки две и пол децении стоиме во место

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на Самитот за проширување на Европската унија што се одржува во Брисел, каде пред европските лидери порача дека иднината на Македонија е во ЕУ, но дека земјата и натаму е на истата стартна позиција поради политички блокади и вештачки создадени спорови.

– Нашето место е во Европската унија. Македонија е дел од Европа, но поради различни политички и билатерални условувања, повеќе од две и пол децении стоиме во место, истакна Мицкоски во своето обраќање на самитот.

Тој посочи дека македонските граѓани заслужуваат фер шанса и дека Европската унија треба да ја врати кредибилноста на процесот на проширување, кој според него е неопходен и за стабилноста на самиот континент.

– Проширувањето на Унијата не е милост кон Западен Балкан, туку стратегиски интерес и за самата ЕУ, додаде премиерот, потенцирајќи дека Македонија останува посветена на европските реформи, економски развој и владеење на правото.

Во рамки на посетата во Брисел, Мицкоски оствари и средба со претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, на која се разговарало за динамиката на проширувањето и за потребата ЕУ да ги отвори преговорите со земјите кои ги исполнуваат условите.

Самитот го организираше медиумската куќа „Euronews“ под наслов „Enlargement Summit – Europe’s Future Together“, на кој учествуваат премиери и високи претставници од земјите-членки и кандидатите за членство во Европската унија.
The post Мицкоски од Брисел: Македонија е дел од Европа, но поради вештачки пречки две и пол децении стоиме во место appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: