Поднесена иницијатива за анкетна комисија за Кочани

Иницијатива за основање на Анкетна комисија за пожарот во дискотеката во Кочани е поднесена до Собранието од страна на опозициската СДСМ, а кон неа се приклучија и пратениците од „Левица“.
Пратениците предлагаат Анкетната комисија да изготви и да поднесе извештај до Собранието најдоцна еден месец по завршување со работа.
– Анкетната комисија треба да ја утврди целата вистина, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот во Кочани, да ги утврди институционалните пропусти, прекршувањата на законските одредби, како и да лоцира политичка одговорност. Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии да ја поддржат оваа иницијатива, активно да учествуваат во процесот, Собранието што поскоро да ја формира и Анкетната комисија да започне со работа, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, според најавите, ќе ја поддржат иницијативата, но бараат да се прошири и со другите трагедии.
– Ние соопштивме дека треба прво да почекаме да заврши судењето, па потоа да влеземе во ваква операција. Но, со пглед на тоа дека вчера и СДСМ и Левица укажаа дека ќе поднесат такво барање, ние таквото барање ќе го прифатиме. Но, кога разговараме за една ваква тема за која што ние исклучиво кажуваме дека е злоупотребувана за некрофилско добивање политички поени, треба ваквата Анкетна комисија да проширена и за сите да биде проширена и за сите други трагедии за кои нема ни кривична, ниту човечка, ниту политичка одговорност, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Формирањето на Анкетната комисија е едно од барањата на семејствата на загинатите кои во саботата протестираа во Скопје барајќи и одржување на надзорна расправа во Собранието.
Седум месеци по трагедијата во Кочани, утре почнува судскиот процес. На обвинителна клупа ќе седнат 35 физички и три правни лица.

Пронајдете не на следниве мрежи: