Владата останува на ставот минималната плата да се зголеми согласно закон, а за интервентно зголемување дека треба да се договорат синдикатите и работодавачите. Ставот денеска го повтори министерот за економија Бесар Дурмиши.
За време на собраниската седница за опозициски пратенички прашања, Дурмиши рече дека предлогот за зголемување на минималната плата без економска основа е предизборен потег и доколку се донесе проблем ќе имаат малите и средните претпријатија.
– Како Влада и како Министерство за економија не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Ниту еден договор не сакаме да го донесеме, а да е на штета на работниците и работодавачите. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем којшто ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници по што инфлацијата ќе се зголемува, изјави министерот за економија.
За опозицијата, неопходно е да се зголеми минималната плата со оглед на секојдневното зголемување на цените на прехранбените производи и зголемувањето на инфлацијата која во октомври се зголеми на 4,5 проценти. Според опозицијата, не држат ниту образложенијата на Владата дека за минималната плата треба да се договорат само синдикатите и работодавачите затоа што социјалниот дијалог е трипартитен и во него учествува и Владата.
– Инфлацијата го јаде секој денар, кој граѓаните го земаат на крајот на секој месец. Според вашата логика, проблемот не е дека граѓаните плаќаат повисоки сметки, туку дека ако земат минимална плата од 500 евра. Треба да ви биде срам како министер што граѓаните земаат минимална плата од 340 евра, рече Јована Тренчевска од СДСМ.
Најновата анкета на Сојузот на синдикати на Македонија покажува дека работниците бараат минималната плата да се зголеми од 600 до 700 евра и дека се подготвени да протестираат и штрајкуваат.
Последно објавените податоци на Заводот за статистика за октомври покажуваат дека трошоците на живот се зголемени на 4,5 проценти во однос на истиот период лани.


