Македонија во жолта фаза, синоптичарите предупредуваат на ризик од поплави

Целата територија на земјата влезе во жолта фаза поради обилни врнежи од дожд, проследени повремено со силни јужни ветрови и услови за поплавување како резултат на пороен дожд, за кој се очекува да надмине 25 литри на квадратен метар. Според хидроалармот, речиси цела Македонија влегува во зона со потенцијално опасни услови, при што централните и источните региони се најизложени на ризик.

„Управата за хидрометеоролошки работи издаде жолто предупредување за можни поплави, бидејќи денес и утре се очекуваат обилни дождови, кои ќе бидат околу 25 литри дожд на квадратен метар во следните 24 часа, но поради фактот што земјата е заситена со вода од претходните дождови, ова е причината за жолтата фаза, каде што се можни мали излевања на некои реки“, изјави Марија Цветковска Атанасова – задолжен метеоролог.

Поради обилни дождови и силни ветрови, синоќа тешката метеоролошка состојба предизвика прекини во воздушниот сообраќај на Меѓународниот аеродром во Скопјe. Причина за ова беа силните и нестабилни воздушни струи, познати како „wind shear“, феномен што претставува сериозен ризик при слетување на авиони. Според извештаите, најмалку два лета од Истанбул и Венеција не успеаја безбедно да слетаат на скопската писта и беа пренасочени кон аеродромот во Приштина. Метеоролозите предупредуваат дека нестабилните услови ќе продолжат и во наредните денови, па затоа се препорачува внимателно планирање на патувањата и активностите на отворено. 
The post Македонија во жолта фаза, синоптичарите предупредуваат на ризик од поплави appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: