Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, остро зборуваше за состојбата во судскиот систем, како и за пристапот на премиерот Христијан Мицкоски кон Обвинителството.
Агелер, во своето интервју во емисијата „Клик Плус“ на „ТВ21“, потсети дека САД досега инвестирале „половина милијарда евра“ во судството, но резултатите сè уште не се на очекуваното ниво.
„Воопшто не ми се допаѓа ситуацијата во судството. Сакам да видам помалку изјави од премиерот и повеќе конкретни акции во рамките на судскиот систем“, нагласи Агелер, додавајќи дека фокусирањето на јавни изјави не ги решава системските проблеми.
Таа објасни дека, иако премиерот не мора директно да ги избира обвинителите, тој има политичка одговорност да обезбеди функционирање на системот.
„Политичарите зборуваат за многу работи, тоа е дел од нивната улога. Но, на крајот, кога ќе ги видите резултатите, се потврдува дека постои застој“, додаде Агелер.
Амбасадорката рече дека е охрабрена од неодамнешното апсење поврзано со злоупотреба на средствата од ИПАРД, но нагласи дека одговорноста не може да се сведе само на едно лице.
„Вложивме многу години и многу пари. Сега луѓето од оваа земја и оваа влада мора да покажат резултати“, рече таа, додавајќи дека институциите треба да бидат двигател на реформите, а не политичките судири.
The post Агелер: Воопшто не ми се допаѓа ситуацијата во судството, иако инвестиравме многу години и многу пари appeared first on Во Центар.



