Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека поради продлаболчената буџетска дупка во Фондот за ПИОМ и погрешните политики на владата на премиерот Мицкоски, во неизвесност се ставени не само исплатите на пензиите на сегашните, туку и на идните пензионери.
„Повеќе од 50 отсто од вкупната сума што Фондот треба да ја исплати на пензионерите за нивните пензии не доаѓа од Фондот за ПИОМ. Ги субвенционира Владата затоа што Фондот тие пари ги нема. Се поставува прашањето што ако Владата утре не може да ги субвенционира тие 50 отсто? Каква е сигурноста на работниците кои што секој месец со своите придонеси го полнат Фондот за пензиско и инвалидско осигурување? Каде се нивните пари? Каква е сигурноста дека идните пензионери ќе имаат редовни пензии? Се доведува во ризик редовната исплата на пензиите, се доведува во ризик дали сегашните работници, а утре пензионери воопшто ќе имаат Фонд од којшто ќе можат да зимаат пензии“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека одржливоста на Фондот е нарушена и сметката е празна и поради тоа што Фондот за ПИОМ должи пари и на Фондот за здравствено осигурување и приватните друштва.
„Одржливоста на фондот е нарушена и сметката е празна поради тоа што се должат пари од страна на Фондот за ПИОМ и дополнителни десет милијарди денари кон здравствениот фонд и приватните друштва, ама тоа никој не го коментира и затоа се молчи. Се поставува прашањето од каде сега ќе кратите за да можат да се исплатат пензиите во овој хаос којшто го создадовте“, рече Филипче.
Тој додаде дека дополнително со решението на власта се дискриминирани 12.000 пензионери кои живеат во странство.
„Тие се исклучени од пензиите само поради тоа што не живееле тука. Комисијата за дискриминација веќе донесе одлука, што значи дека следат нови тужби и нови трошоци за државата“, рече Филипче.


