За време на денешните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Кремљ, беше разгледана можноста Унгарија да купи акции во руските нафтени компании погодени од неодамна воведените санкции на САД.
Рускиот вицепремиер Александар Новак на прес-конференција изјави дека овие разговори не треба да бидат изложени на медиумско внимание, пренесува „Спутник“.
„Во принцип, таква тема постои и за неа се дискутираше. Унгарија е наш сигурен партнер во енергетскиот сектор со години. Унгарските партнери моментално работат во таа насока и многу зависи од деловните преговори. Затоа, овој процес треба да се одвива тивко, без медиумско внимание“, рече Новак, одговарајќи на прашање од руските медиуми дали на денешните преговори била дискутирана темата за потенцијално купување акции од страна на Унгарија во руски нафтени компании.
Средбата меѓу Путин и Орбан се одржа денес во Кремљ , а преговорите, на кои присуствуваше и Новак, а една од клучните теми беше снабдувањето со гас и нафта за Унгарија, траеја речиси четири часа.
Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Гергели Гуљаш, претходно изјави дека се во тек разговори за можноста унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ да купи удел во српската НИС.
Тој рече дека доколку се постигне договор, трансакцијата би била „нормална пазарна операција“, но нагласи дека разговорите се во рана фаза, објави Ројтерс.
The post Унгарија размислува да купи руски нафтени компании: Функционерите се изјаснија appeared first on Во Центар.



