Советот на Европската Унија на самитот до декември уште еднаш ќе ја повика Северна Македонија да ја исполни обврската и да ги направи уставните измени со цел да продолжи со преговарачкиот процес, покажуваат нацрт-заклучоците за проширувањето, во кои Радио Слободна Европа имаше увид.
Во нив, е наведено дека Советот ја поздравува посветеноста на земјата на евроинтеграциите и ја „охрабрува да ги интензивира напорите за унапредување на реформите.
„Советот нотира дека Северна Македонија сè уште не ги завршила уставните измени на кои се обврзала. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ја спроведе оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“, пишува во нацрт-заклучокот.
Потоа, се нагласува во предлог документот, „Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“.
Нацрт-заклучоците се очекува едногласно да бидат усвоени од земјите-членки на ЕУ на 16 декември во Брисел. Тие се базирани на извештаите на Европската Комисија (ЕК) што беа објавени претходно во ноември за напредокот на земјите.
Во останатиот дел од заклучоците што се однесуваат на Северна Македонија, според нацрт-документот, Советот ќе ја нагласи потребата од брзи и решителни акции за исполнување на критериумите од првиот кластер „Фундаментални вредности“.
Според документот во кој РСЕ имаше увид, се бара земјата да ги интензивира напорите и да ги спроведе реформите „особено во областа владеење на правото“, каде и Европската Комисија во својот извештај констатираше дека изминатата година не е постигнат напредок.
„Северна Македонија треба да ја заштити независноста и интегритетот на судството“, се посочува во заклучоците.
Вклучително, тука се набројуваат реформите односно зајакнувањето на Судскиот совет согласно препораките од 2023 и мислењето на Венецијанската комисија.
Исто како и ЕК, според предлогот, и Советот ќе побара зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, да ги подобри резултатите со ефикасни истраги, пресуди и конфискација на имот во случаите со корупција на високо ниво.
„Советот ја повикува Северна Македонија да усвои нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди“, пишува во нацрт-заклучоците.
Во нацрт-заклучоците што треба да се усвојат во декември, Советот се очекува да ја поздрави усогласеноста на земјата со ЕУ по прашањата од надворешната политика и санкциите. Исто така, се очекува да се поздрави и соработката и управувањето со границите во соработка со Фронтекс.
Во однос на останатите области, според нацртот, се констатира напредок во реформите на јавната администрација со нагласување дека треба да се продолжи со модернизација и обезбедување на потребите капацитети.
Повик треба да се упати и за „понатамошно зајакнување на основните права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, слободата на медиумите и слободата на изразување“.


