Поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски ги отфрли обвинувањата на СДСМ за негова поврзаност со фирмата која добила тендери во вредност од девет милиони евра. Тој во објава на Фејсбук напиша дека не е во роднинска врска и не ги познава сопствениците на фирмата „Дигитал оне“, која беше спомената на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„За да биде детално јасно, ниту го познавам човекот кој е сопственик на фирмата, ниту сум го сретнал, ниту знам како изгледа, ниту ми е роднина по било која основа. Единствено што е исто е презимето. Немам никаква врска со никаков тендер, ниту пак сум имал било каква врска со државни тендери. Иако во прашална форма, моето име и презиме беше споменато на пресот на СДСМ, тенденциозно со намера да ме вовлечат во нивни креатури и да ги манипулираат граѓаните и јавноста, па затоа јавно барам извинување од СДСМ, ако им остана малце достоинство“, објави Арсовски.
Тој напиша дека денеска СДСМ повторно покажала и докажала дека влијанието од заевизмот и многуте лиценци поделени за одгледување марихуана, сеуште владеат во СДСМ.
„Некое момче во залез на кариера после сериозен пораз на избори, нарекувајќи се втор човек во партијата, јавно се обидел да ме поврзе со некаков си тендер од неколку милиони евра, само и само затоа што сопственикот носел исто презиме како моето“ истакна Арсовски.


