Без компромис: Студен туш од Москва по средбата меѓу Путин и Виткоф

Сè уште не се постигнати компромиси – истакна помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, по средбата на претседателот на Русија, Владимир Путин, со специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф.

Средбата меѓу претседателот Путин и Виткоф посветена на решавањето на украинската криза траеше околу пет часа. Како што истакна Ушаков, разговорот беше конструктивен, многу корисен и информативен.

„Беа дискутирани и територијални прашања… Сè уште не се постигнати компромиси, но некои американски предлози изгледаат повеќе или помалку прифатливи и можат да се разгледаат“, истакна Ушаков.

Можноста за средба меѓу Путин и Трамп ќе зависи од напредокот во решавањето на украинската криза.

Тој посочи дека Москва добила уште четири документи покрај оригиналниот план на Трамп од 28 точки за решение во Украина. Ушаков додаде дека сите овие документи се однесуваат на долгорочно решение за кризата во Украина.

Сигналите на Трамп

Рускиот претседател му испратил поздрави на американскиот претседател Доналд Трамп преку Виткоф и низа политички сигнали, објави помошник на рускиот претседател.

„Нашиот претседател ги замоли своите партнери да му пренесат пријателски поздрави на Трамп – и тој, се разбира, испрати не само пријателски поздрави, туку и голем број важни политички сигнали, што неговите соговорници го забележаа “, им рече тој на новинарите.

Ушаков објави дека Русија и Соединетите Американски Држави се согласиле да не ја откриваат суштината на разговорот меѓу Путин и Витков во Кремљ.

Тој нагласи дека контактите меѓу двете земји ќе продолжат.

Шеста посета на Виткоф оваа година

Од руска страна, на состанокот присуствуваа помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, и специјалниот претставник за економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев. Од американска страна – претприемачот, инвеститор и основач на „Афинити партнерс“, Џаред Кушнер.

Ова е шеста посета на Виткоф на Москва оваа година. Специјалниот претставник на Трамп ја посети Москва на 11 февруари и 13 март, двапати во април: на 11 април се сретна со Путин во Санкт Петербург и на 25 април во Москва. Сите овие контакти беа поврзани со Украина. Последен пат се сретнаа на 6 август. За време на овие контакти, страните разменија сигнали што го отворија патот за подготовка на руско-американскиот самит во Алјаска.

Сегашното патување на специјалниот пратеник на Трамп во Русија е поврзано со дискусиите за мировниот план на САД за Украина.

The post Без компромис: Студен туш од Москва по средбата меѓу Путин и Виткоф appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: