Поранешната висока претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, и високиот функционер на Европската комисија, Стефано Санино, беа ослободени доцна во вторник.
Ова се случи откако тие беа приведени како осомничени во истрага за измама што го потресе Брисел, објави Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител, објави денес „Еурактив“.
Двајцата беа приведени во вторник по серија рации спроведени од белгиската полиција во седиштето на дипломатската служба на ЕУ во Брисел, во Колеџот на Европа во Бриж, како и во приватни резиденции.
Обвинителството се сомнева дека двајцата дејствувале во соработка во 2021 и 2022 година за да насочат јавен тендер за нова дипломатска академија на ЕУ до Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректор и го раководи проектот.
Академијата е финансирана од дипломатската служба на ЕУ, ЕЕАС, која Могерини ја водеше помеѓу 2014 и 2019 година, а во која Санино имаше висока позиција кога беше донесена одлуката каде ќе се наоѓа академијата.
Уапсен е и друг висок функционер на Колеџот на Европа.
„По сослушувањето од страна на Белгиската федерална судска полиција… трите лица се формално информирани за обвиненијата против нив“, се вели во соопштението на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).
Обвиненијата вклучуваат „измама и корупција во јавните набавки, судир на интереси и кршење на професионална тајна“.
Според белгискиот закон, етикетирањето на некого како осомничен значи дека истрагата е во тек и дека тој може повторно да биде испрашуван, но тоа не имплицира вина.
Европското обвинителство соопшти дека осомничените се ослободени бидејќи „не се сметало дека се изложени на ризик од бегство“. Тие остануваат на слобода додека трае истрагата.
The post „Нема ризик од нејзино бегство“: Федерика Могерини, обвинета за измама, е ослободена преку ноќ appeared first on Во Центар.



