Само 20,3 проценти од Украинците би гласале за претседателот Володимир Зеленски на претстојните претседателски избори, покажува студија објавена денес од агенцијата Инфо Сапиенс.
И покрај падот на поддршката, Зеленски сè уште останува најпопуларниот поединечен кандидат, пишува „Киев Индепендент“.
Студијата е спроведена помеѓу 13 и 28 ноември, неколку дена откако голем корупциски скандал ја погоди Украина, во кој беа вклучени сојузници на Зеленски. Во октомври, еден месец пред да избие скандалот, рејтингот на Зеленски беше 24,3 проценти.
Резултати од анкетата:
Володимир Зеленски – 20,3 проценти
Валери Залужни – 19,1 проценти
Кирило Буданов – 5,1 отсто
Поранешниот командант на вооружените сили на Украина и сегашен амбасадор на Украина во Обединетото Кралство, Валериј Залужни, е на второ место со поддршка од 19,1 процент, што е зголемување од три процентни поени во споредба со октомври.
На трето место е шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов, со поддршка од 5,1 процент. Околу 23,6 проценти од испитаниците не го знаеле одговорот или одбиле да одговорат.
Анкетата е спроведена на примерок од 1.000 луѓе.
Во хипотетички сценарио за парламентарни избори, 21,8 проценти од испитаниците рекле дека би поддржале партија која сè уште не постои и која би била предводена од Залужни, додека партијата на Володимир Зеленски би добила 11,5 проценти од гласовите.
И Залужни и Буданов моментално ја негираат или игнорираат можноста за влегување во политиката. Студијата е спроведена преку телефонска анкета на примерок од 1.000 Украинци над 16 години.
Кога тој ја презеде функцијата претседател во 2019 година, околу 80 проценти од Украинците го поддржуваа Зеленски. До февруари 2022 година, тој број падна на 37 проценти, само за одеднаш да се искачи на 90 проценти по почетокот на големата руска инвазија.
Анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев (KIIS) спроведена претходно оваа есен покажа дека 60 проценти од Украинците сè уште му веруваат на Зеленски, додека 35 проценти не. Истата студија покажа дека само 25 проценти од граѓаните сметаат дека Зеленски треба да остане на функцијата по завршувањето на војната.
Според украинскиот устав, изборите можат да се одржат само по завршувањето на воената состојба, која беше прогласена на почетокот на руската инвазија во 2022 година. Зеленски во септември изјави дека е отворен за можноста да не се кандидира повторно по војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Политико изјави дека е време Украина да одржи избори. Неговата изјава доаѓа во време кога Вашингтон го зголемува притисокот врз Киев да преговара за мирно решение за завршување на руската војна.
The post Трамп побара избори, Зеленски одговори позитивно – што покажуваат анкетите во Украина? appeared first on Во Центар.



