Здрав 50-годишен маж од Обединетото Кралство доживеал тежок мозочен удар, а лекарите ја идентификувале неговата шокантна дневна навика – пиење осум лименки енергетски пијалоци – како причина. Овој случај, детално опишан во списанието BMJ Case Reports, служи како драматично предупредување за опасностите од прекумерна консумација на популарни пијалоци.
Мажот, чиј идентитет не е објавен, побарал медицинска помош откако почувствувал вкочанетост и слабост на левата страна од телото и проблеми со рамнотежата. Дијагностициран му е исхемичен мозочен удар, предизвикан од блокада на крвен сад во делот од мозокот одговорен за сензација и движење. Исто така, имал тешкотии при одење, голтање и зборување, симптоми познати како атаксија.
Лекарите беа особено загрижени за неговиот крвен притисок, кој беше неверојатни 254/150 mmHg, додека крвен притисок понизок од 120/80 mmHg се смета за здрав.
Шокантно признание и долготрајни последици
Откако неговиот крвен притисок не се намалил и покрај лековите, пациентот ја признал својата навика: пиел во просек осум енергетски пијалоци дневно. Ова значи дека консумирал речиси 1.300 милиграми кофеин, повеќе од три пати повеќе од препорачаната максимална дневна доза од 400 мг.
Тој сè уште ги чувствува ефектите години подоцна.
„Очигледно не бев свесен за опасностите што ми ги претставуваше пиењето енергетски пијалоци“, им рече тој на истражувачите.
,,Сè уште имам вкочанетост во левата рака и прстите на рацете, стапалото и нозете, дури и по 8 години.“
Опасна комбинација на состојки
Експертите долго време предупредуваат дека овие пијалоци можат да предизвикаат проблеми со срцето, анксиозност, несоница и главоболки, но проблемот не е само кофеинот. Авторите на студијата наведуваат дека комбинацијата од кофеин, висока содржина на шеќер и стимуланси како што се гуарана и таурин значително го зголемуваат срцевиот ритам и крвниот притисок.
„Хипотезата е дека интеракцијата на овие други состојки, вклучувајќи ги тауринот, гуарана и гинсенгот, ги засилува ефектите на кофеинот, зголемувајќи го ризикот од мозочен удар преку голем број механизми“, објаснија тие. Додека просечниот енергетски пијалок содржи околу 80 мг кофеин, некои можат да имаат до 500 мг во една порција.
Повик за построга регулатива
Овие пијалоци се особено популарни кај помладата популација, при што дури 64% од Генерацијата Z редовно ги консумираат. Глобалниот пазар на енергетски пијалоци постојано расте, достигнувајќи речиси 80 милијарди долари во 2024 година и се предвидува да порасне на 125 милијарди долари до 2030 година.
Затоа, авторите на студијата бараат построга регулација на продажбата и рекламирањето.
,,Со оглед на високите стапки на морбидитет и морталитет поврзани со мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања, како и добро документираните негативни здравствени ефекти од пијалоците со висок шеќер, предлагаме зголемената регулација… и рекламните кампањи да бидат корисни за идното цереброваскуларно и кардиоваскуларно здравје на нашето општество“, заклучија тие.
The post Маж пиел осум енергетски пијалоци дневно – сега има трајни оштетувања appeared first on Во Центар.



