По наредба на бугарскиот премиер во заминување Росен Жељазков, министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, изврши инспекција на залихите на мазут во Бугарија. Со инспекцијата е утврдено дека на територијата на земјата има доволни количини мазут, за да и помогне на Македонија да ја надмине кризната состојба со струјата, пишува новинската агенција БГНЕС.
– Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на гориво за котели (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба прогласена вчера. На барање на премиерот Жељазков, предлогот беше даден за време на телефонскиот разговор меѓу министерот за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот колега од Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарската страна изрази подготвеност да помогне во обезбедувањето на потребните количини, во зависност од техничките и логистичките можности – се вели во владиното соопштение.
За време на разговорот било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на „добрососедство и солидарност“ и е насочено кон обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Предлогот на Бугарија беше даден откако Владата на Македонија синоќа прогласи кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија. Овој потег, како што соопштија од македонската Влада, е неопходен за да може да се користат стоковните резерви на мазут, на кој работи термоелектричната централа (ТЕЦ) „Неготино“. Увозот на мазут од Грција е во прекин повеќе од еден месец поради протестите и блокадите на тамошните земјоделци.



