Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека Европската Унија отворено се подготвува за војна со Русија и дека не е подготвена за конструктивни преговори за завршување на војната во Украина.
Во интервју за ТАСС, Лавров ги пофали напорите на САД и Доналд Трамп, но ја критикуваше ЕУ за нејзината континуирана поддршка за Украина, потсетувајќи дека „скоро сите европски земји, со неколку исклучоци, го полнат режимот во Киев со пари и оружје“.
Според него, ЕУ сè уште сонува дека руската економија ќе се урне под притисок на санкциите.
„Откако новата администрација дојде на власт во САД, Европа и ЕУ се појавија како главни пречки за мир. Тие не го кријат фактот дека се подготвуваат да се борат против Русија на бојното поле“, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија изјави дека непријателството на ЕУ кон Русија има корени во 2014 година и почетокот на украинската криза, кога Брисел „почна да зборува за таканаречената руска закана и да поттикнува омраза кон Русија и милитаристички чувства кај европското население“.
Тој наведува дека европските лидери го инвестираат својот политички капитал за да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија.
„Овие амбиции буквално ги заслепија. Не само што не им е грижа за Украинците, туку не им е грижа ниту за својот народ. Само така може да се објасни фактот дека во Европа сè уште се зборува за испраќање воени сили во Украина како дел од таканаречената коалиција на добронамерните. Многу пати сме рекле дека во тој случај нашите вооружени сили би ги сметале за легитимна цел“, рече тој.
Лавров, исто така, се осврна на шпекулациите во западните медиуми дека Русија би можела да го нападне НАТО во рок од неколку години.
„Нема потреба да се плашиме дека Русија ќе нападне некого. Меѓутоа, ако некој помисли да ја нападне Русија, ќе се соочи со катастрофален удар“, истакна Лавров.
The post Лавров тврди дека ЕУ отворено се подготвува за војна со Русија: „Не им е гајле за својот народ“ appeared first on Во Центар.



