Мицкоски: Реформите што ги започнавме бараат време

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во своето новогодишно обраќање до граѓаните, рече дека 2025 година не била лесна година, туку година со сериозни предизвици и, како што вели, година во која државата прво морала да застане на свои нозе.

Според премиерот, по долг период на нестабилност, неизвесност и разнишани институции, како што вели, било потребно да се стабилизира и консолидира.

„Ова беше услов без кој беше невозможно да се продолжи напред. Реформите што ги започнавме не се козметички. Тие се длабоки и фундаментални. Ваквите реформи бараат време, но се предуслов за функционална држава и здраво општество.“

Свесни сме дека за граѓаните најважно е како се чувствуваат во секојдневниот живот. Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на движење и година на трансформација! Година на раст, со реализација на важни инфраструктурни проекти. Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка на економијата и отворање можности за работа и развој. Година на целосна трансформација на Македонија“, нагласи Мицкоски.

Премиерот нагласи дека постои обврска да се испорачаат резултати и да се оправда довербата на граѓаните.

„Ви посакувам на сите здравје, мир и сила! Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе биде наградена и дека ја водиме Македонија во вистинската насока. Среќна Нова Година“, рече Мицкоски, меѓу другото, во својот говор.
The post Мицкоски: Реформите што ги започнавме бараат време appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: