Илјадници туристи се блокирани во северна Финска откако летовите на аеродромот Китила беа откажани поради екстремен студ.
Според странските медиуми, температурите на аеродромот паднале на -37 степени Целзиусови во недела наутро, по неколку дена слично арктичко време, што го отежнало одмрзнувањето на авионите и другите операции.
Китила се наоѓа во финска Лапонија, во ретко населениот северен дел од земјата.
И покрај тоа што се навикнати на ниски зимски температури, Финците беа погодени од студениот бран оваа година, кој е посилен отколку во другите години и зафати големи региони во северна, централна и источна Европа.
Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ целиот континент.
Во меѓувреме, во Германија, патниците на возовите доживеаја доцнења и откажувања во неделата откако обилните снежни врнежи доведоа до затворање на сите услуги на железничкиот оператор „Дојче Бан“ на северот од земјата.
Властите објавија дека поради ниските температури, сите училишта ќе останат затворени и ќе преминат на онлајн учење од понеделник во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената западна покраина во земјата.Во меѓувреме, во балтичките земји Естонија и Литванија, од возачите беше побарано да ги одложат сите непотребни патувања поради очекуваните бури, додека соседна Латвија издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
The post Температурите од -37 степени Целзиусови блокираа илјадници туристи во Финска appeared first on Во Центар.



