Славески: Инфлацијата е стабилна, декемврискиот раст е резултат на воздушниот транспорт

Податоците за инфлацијата за декември 2025 година укажуваат на стабилност на домашните ценовни притисоци, додека регистрираниот месечен пораст е статистички искривен од цените на воздушниот транспорт, оцени гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на X.

Месечната инфлација во декември 2025 година, во споредба со ноември, изнесува 0,4 проценти, при што зголемувањето се однесува само на воздушниот транспорт, каде што цените во истиот период се зголемија за 5,8 проценти.

Славески нагласува дека ваквото движење е невообичаено со оглед на стабилните цени на горивата и непроменетите цени во јавниот превоз. Според структурата на индексот, клучен фактор за зголемувањето е енормното зголемување на цените на авиопревозот, кои во декември минатата година се зголемија за дури 42 проценти. Доколку пресметката на ценовниот индекс за декември 2025 година го исклучи транспортот, поточно авиопревозот како целосно странска компонента, месечната инфлација во споредба со претходниот месец би изнесувала точно 0,0 проценти, нагласува гувернерот.

Ова, нагласува Славески, е јасен сигнал дека инфлацијата е стабилна и дека постојат подобри темели за завршување на 2025 година со стапка на инфлација под 3 проценти.

Државниот завод за статистика на 8 јануари објави дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во декември 2025 година во споредба со ноември 2025 година изнесувала 0,4 проценти.

Индексот на трошоците за живот во 2025 година во споредба со 2024 година бележи зголемување од 4,1 процент, додека индексот на малопродажните цени од 3,6 проценти. Движењето на индексот на трошоците за живот во 2025 година се разликува во некои специфични групи на потрошувачка. Зголемување на индексот е забележано во сите групи: ресторани и хотели за 7,2 проценти, рекреација и култура за 6,4 проценти, алкохолни пијалоци, тутун и наркотици за 5,9 проценти, храна и безалкохолни пијалоци за 5,2 проценти, мебел, домаќинство и одржување на домаќинствата за 4,6 проценти, разни стоки и услуги за 3,7 проценти, облека, здравство за 3,1 процент, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 1,8 проценти, комуникации за 1,3 проценти, транспорт за 0,8 проценти и образование за 0,1 процент.

Од ДЗС објаснија дека зголемувањето на инфлацијата во декември 2025 година во споредба со ноември 2025 година е резултат на зголемувањето на трошоците за живот во групите: Транспорт за 5,8 проценти, Рекреација и култура за 0,8 проценти, Здравје за 0,7 проценти, Мебел, домаќинство и одржување на домаќинствата за 0,5 проценти, Ресторани и хотели за 0,4 проценти, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0,2 проценти, Разни стоки и услуги, Алкохолни пијалоци, тутун и наркотици за 0,1 процент.

Во декември 2025 година, во споредба со ноември 2025 година, намалување на трошоците за живот е забележано во групите: Храна и безалкохолни пијалоци за 0,4 проценти и Облека за 0,2 проценти, додека во Образование и Комуникации останале на исто ниво како и во претходниот месец.
The post Славески: Инфлацијата е стабилна, декемврискиот раст е резултат на воздушниот транспорт appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: