Цигара пред училиште: Новиот закон се бори со старата неказнивост

Речиси и да нема место во земјава каде што не може да се забележи некој со цигара во рака. Се пуши на улица и во паркови, но и пред училишта и градинки, пред болници, во ресторани, кафулиња и дискотеки, накратко се пуши секаде.

Сликата одамна стана секојдневие, а прашањето повеќе не е дали децата и младите експериментираат со штетни навики, туку колку рано започнуваат и кој им го дозволува тоа.

Иако законите формално забрануваат продажба на цигари и алкохол на малолетни лица, реалноста е сосема поинаква. Овие производи се лесно достапни – во супермаркети, трафики и угостителски објекти, без проверка на возраст и без реален страв од санкции. Малолетниците купуваат, пушат и пијат јавно, пред очите на сите, додека институционалната контрола останува само на хартија.

Таквата неказнивост испраќа јасна порака: правилата постојат, но не важат. Кога децата секојдневно гледаат како се пуши пред училишта и градинки, или како чадот ги пречекува на влез во ресторан или дискотека, тешко е да се зборува за превенција, здрави навики или одговорност.

Алармантни податоци за пушењето и алкохолот меѓу младите

Според истражувањето ЕСПАД 2024, спроведено од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), покажува дека младите во Македонија со ризични навики започнуваат многу порано отколку што се претпоставува. Дел од децата првата цигара ја пробуваат уште на деветгодишна возраст, додека првото искуство со алкохол најчесто го имаат на 13 или 14 години, односно речиси 38 отсто од македонските тинејџери пробале цигари, додека возрасните граѓани во просек дневно пушат и до 20 цигари.

Податоците за возрасната популација не се ништо помалку загрижувачки. Просечниот активен пушач во Македонија консумира до 18 цигари дневно, а најчесто и цела кутија, односно околу 20 цигари на ден. Повеќе пушат мажите, особено оние со пониска перцепција за ризиците од пушење и со поголем пристап до места каде што тоа е дозволено. Истовремено, желбата за откажување е значително повисока кај оние кои пушат помал број цигари дневно.

Кога станува збор за новите тутунски производи, уредите за загреан тутун, како IQOS, засега имаат релативно мала застапеност – само 4,5 отсто од испитаниците биле активни корисници во моментот на истражувањето. Сепак, експертите предупредуваат дека нивната употреба би можела да расте, особено кај помладата популација, доколку не се воспостави јасна регулатива и контрола.

Истражувањето Global Youth Tobacco Survey од 2016 година покажува дека 7,7 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години се активни пушачи, додека податоците од Health Behaviour in School-aged Children од 2018 година откриваат дека дури 4,1 отсто од децата на 11 години барем еднаш пробале цигара, при што процентот е значително повисок кај момчињата.

Новиот закон како одговор на алармантните бројки?

Алармантните податоци за раната изложеност на тутун и алкохол се една од причините поради кои неодамна започна јавната расправа за новиот предлог-закон за контрола на пушењето. Со него се предвидуваат суштински промени во досегашната регулатива, вклучително и целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, построги ограничувања за рекламирање и промоција на тутун и никотински производи, како и значително повисоки парични казни за прекршителите.

Министерот за здравство Азир Алиу порачува дека целта на законските измени не е репресија, туку превенција и заштита на јавното здравје, со посебен фокус на децата и младите. Според Алиу, пушењето и употребата на никотин се меѓу водечките причини за прерана смрт, а новите никотински производи, поттикнати од агресивен маркетинг, сè почесто ги таргетираат најмладите.

Предлог-законот предвидува сеопфатна забрана за пушење и употреба на електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи, при што новина е забраната да важи и за приватни возила во кои има деца. Пушењето ќе биде строго забрането во здравствени, образовни и социјални установи, државни и општински институции, на работни места, во јавен превоз, угостителски и трговски објекти, како и во заедничките простории на станбените згради. Исклучоци ќе постојат само за строго дефинирани отворени простори, физички одделени и отворени од најмалку три страни.

Една од клучните новини е целосната забрана за рекламирање и промоција на тутун и никотински производи, вклучително и на дигиталните платформи, преку инфлуенсери, спонзорства и медиумска содржина. Дополнително, се предвидува забрана за производство и продажба на производи со ароми и вкусови, кои, според експертите, особено ги привлекуваат младите и го зголемуваат ризикот од рана зависност.

Со законот се забранува и продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување или онлајн, додека нивното изложување во продавниците ќе биде строго ограничено. Предвидени се високи казни – од неколку илјади евра за правни лица до парични казни за физички лица, како и можност за привремена забрана за вршење дејност за угостителските објекти што нема да ги почитуваат правилата.

Надзорот над спроведувањето ќе го вршат повеќе институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат, санитарната инспекција, инспекторатот за труд и Министерството за внатрешни работи. Сепак, искуството од минатото отвора дилема дали и овој закон ќе донесе реални промени, или повторно ќе остане заробен меѓу добри намери и слаба примена на терен.

Со целосна забрана во речиси сите јавни и работни простории, строги ограничувања за рекламирање и високи казни, новиот закон има потенцијал да ја заштити јавноста и особено младите. Но, искуството од минатото покажува дека само законските решенија не се доволни – успехот зависи од доследна примена и континуиран надзор. Дали Македонија овојпат ќе успее да го спроведе законот и да го намали пушењето меѓу младите, останува да се види.
The post Цигара пред училиште: Новиот закон се бори со старата неказнивост appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: