Вратата кон Европската Унија е целосно отворена. Постои целосна поддршка за Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ и верувам дека во овој момент е потребно земјата да се обедини, Владата, опозицијата, Парламентот, граѓанското општество, бизнисите и младите луѓе да бидат прагматични во забрзувањето на реформите, изјави денес амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.
При промоцијата на два истражувачки труда, „Анализа на јавното мислење за членството на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025)“ и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавно мислење за членството во ЕУ во 2025 година“ во Парламентот, тој изрази верување дека иако анкетата покажа дека граѓаните веруваат дека надворешниот фактор е пречка за пристапување кон Унијата, доколку се случи внатрешно обединување, ќе се надминат и другите пречки.
„Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките за членство ќе бидат надминати. Не само што треба веднаш да дејствуваме и тоа не е само можност што мора да се искористи, туку и време. Не можеме да ја споредуваме оваа и минатата година со ситуациите од пред пет, шест или четири години“, рече Рокас, нагласувајќи дека сега е прашање како да се изгради партнерство, доверба и кому да се верува.
Тој изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е најдоверливиот партнер.
„Се надевам дека со трудот што ќе го вложиме заедно оваа година, ќе имаме уште подобри резултати следната година, не само во анкетата, туку и од прагматичен аспект во однос на движењето на земјата кон ЕУ“, рече Рокас.
Споредувајќи ја анкетата со минатогодишната, тој нагласи дека резултатите нудат голем поттик, имено, процентот на населението кое е „за“ членство во ЕУ се зголемил за 10 процентни поени, од 61 на 71 процент.
The post Рокас: Обединувањето на земјата е неопходно за надминување на пречките за влез во ЕУ appeared first on Во Центар.



