Измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини
Уставните измени, законот за правична застапеност, протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата, беа дел од интересот на пратениците на седницата за пратенички прашања, сублимира Слободен Печат.
Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека и „последно да му е“, измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат минимум барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини.
Не бидете мивки, мивките лошо завршуваат, рече премиерот
– Не знам колкупати треба да го повторам ставот на Владата – уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува. Второ, додека не добиеме гаранции за нашиот македонски идентитет, за што од вас очекувам поддршка како мои сограѓани, за мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од кој било од субјективни причини – одговори Мицкоски на прашање на пратеникот Скендер Реџепи за тоа што презема Владата за евроинтеграциите.
Скендер Реџепи Фото: Принтскрин
Реџепи предложи Собранието да донесе резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик и уставните измени да се спроведат, а Мицкоски ги повика пратениците што и во иднина би седнале во собраниските клупи, да не се согласуваат со ставот на пратеникот за уставни измени без гаранции.
– Треба да донесеме резолуција, но со еден државнички став дека без овие два-три услови ќе немаме никакви отстапки. Не бидете мивки, мивките лошо завршуваат. Ве замолувам да поднесете резолуција во која ќе ги дефинирате вистинските принципи. Додека јас сум премиер, за оваа работа ќе одам докрај, макар и последно да ми е – рече Мицкоски.
Повторно конфронтации на етничка основа
Реџепи рече дека во двата пратенички мандати досега трипати дал поддршка за јазикот и за идентитетот.
– Но, за жал, никој ни од ВМРО-ДПМНЕ ни од СДСМ не дадоа поддршка за албанскиот јазик, тој што е дефиниран како 20 отсто. Надежта кај граѓаните е изумрена, побарав резолуција за да има светло на крајот од тунелот, зашто од нашите одлуки зависи дали идните генерации ќе ги благословиме или ќе ги проколнеме. Порано или подоцна, Македонија мора да донесе уставни промени – рече Реџепи.
Тој го праша премиерот и за законот за правична застапеност, и како по укинувањето на „балансерот“ од Уставниот суд премиерот, претседателот на Собранието и институциите ќе знаат од која етничка припадност се вработените, кога таа не е содржана во ниту еден личен документ.
– Во телевизиско гостување, кога говоревте за системот „Безбеден град“, рековте дека е намален бројот на смртни случаи од сообраќајни несреќи и рековте дека толку (од загинатите – н.з.) биле Македонци, толку Албанци… Етничката припадност никаде не е заведена, од каде ја знаете припадноста на загинатите, дали ги прашавте пред да починат? – праша Реџепи.
Мицкоски одговори дека апсолутно се води сметка за правичната застапеност.
– Јас сум личен гарант за тоа. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Владата нема да дозволам никој никого да минимизира или мајоризира. Квалитетот на луѓето, без разлика од која етничка припадност доаѓаат, треба да биде клучен и да биде приоритет. Тоа е темел на уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции – рече Мицкоски и додаде дека законот за правична застапеност е готов и наскоро треба да влезе во собраниска процедура.
Тој повтори дека не ги коментира одлуките на Уставниот суд, туку дека тие треба да се почитуваат.
– Жалам што упорно ги етнизирате прашањата, што не излеговте од таа матрица по толку време на политичката сцена, мислејќи дека на тој начин ќе добиете поени, а во суштина сè повеќе станувате маргинални ликови. И тоа, според мене, е лоша порака за вашите гласачи. Мислам дека треба да ги гледате работите пошироко и пообјективно. Наведовте многу погрешни заклучоци што нема да ги коментирам. Нека им е лесна земјата и Бог да ги прости жртвите, без разлика на кој етникум припаѓаат. Мизерно ми е да ви објаснувам како се констатира припадноста на починатите, но со имплементацијата на „Безбеден град“ ќе се спасат човечки животи – рече Мицкоски.
Реџепи рече дека семејно е воспитан да не ја дели болката на луѓето по етничка линија, но и дека ќе го бара тоа што му припаѓа по Устав.
Слободен Печат


