Македонските превозници вечерва се повлекуваат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Aсоцијацијата Макам-транс“, откако Европската комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена во шенген-зоната.
Со тоа, по речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на премините „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“ за влез и излез од државата.
„Макам-транс“ во објава на Фејсбук наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои, како што велат, неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.
Транспортерите од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.


