Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагира поради судската пресуда што ја доби новинарката Лиридона Вејсели која во новинарски приог спомнала име на судија и затоа е казнета со казна од 700 евра.
– Ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи. Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана, велат од ААВМУ.
Вчера реагираше и Здружението на новинари на Македонија од каде оценија дека оваа правосилна одлука е многу лош сигнал за слободата на изразување во земјата.
– Кривичното гонење на новинари за објавување на име и презиме на јавни лица, особено судии, го зголемува притисокот врз новинарството и правото на јавноста да биде информирана. Од страна на ЗНМ е понудена правна помош на Вејсели, и внимателно ќе го следиме процесот во жалбената постапка. Постои можност за корекција на пресудата од повисоките судови, но овој случај повторно го потенцира проблемот со изолирани судски постапки кои можат да делуваат како притисок врз медиумите. Име и презиме на судија е јавен податок, и абсурдно е да се третира објавата на името и презимето на конкретниот судија како повреда на правото на приватност, велат од ЗНМ.


