Зелен Хуман Град ќе ја поддржи финансиската помош во Советот на Град Скопје за Општина Чаир за проширувањето на главниот булевар Цветан Димов, но само ако, како што велат од таму, постои изработен проект.
Околу 150 милиони денари ќе чини проширувањето на улицата Цветан Димов во Чаир. Град Скопје и Општина Чаир ќе потпишат договор за меѓуопштинска соработка за старт на проектот за проширување на оваа делница, која е тесно грло во градот.
„Само годината е различна во овој пост што сме го објавиле во 2023. И парите, денес се 10 милиони денари повеќе или вкупно 150 милиони.
Цветан Димов не смее да биде уште една автоцентрична пустина. Веќе втора седница по ред се бара од советниците да изгласаат фантастични 140 милиони денари за изградба на улицата Цветан Димов во Општина Чаир за која НЕМА јавно достапен проект, туку допрва треба да го прави (ревидира) Општина Чаир?! 140 милиони денари се 20% од буџетот на Град Скопје за улици и патишта за 2023 г.! Дополнително, ќе се трошат јавни пари за експропријација, а тоа во овој момент немаме информација колку ќе чини.
На лошата практика да се бара од советниците да гласаат за изградба и реконструкција на улици во Скопје за кои никој не го видел проектот по кој ќе се работи мора да ѝ дојде крај!
Ќе го поддржиме спроведувањето на овој предлог само ако прво јавно се објави проектот по кој ќе се работи за да се осигураме и ние и целата јавност дека повеќедеценискиот дрворед на таа улица ќе остане нечепнат, дека коловозните ленти ќе бидат со максимална ширина од 3 м, како и дека ќе има соодветна и функционална пешачка и велоинфраструктура, инклузивно испланирана да ги задоволи потребите на лицата со попреченост и на сите ранливи категории на граѓани.
Доста ни е од Карангелески сценарија во овој град и смртоносни автоцентрични пустини! Зеленилото во Скопје го губиме со брзина на светлината и покрај тоа што секоја година прерано умираат над 4.000 наши сограѓани како последица од загаден воздух, а не постои статистика колку од нас прерано умираат од топлотните бранови за кои народните избраници сами ги создаваат предусловите.
Колку жртви се доста за да се освестат тие што со едноставно дигање рака имаат моќ да создадат подобро Скопје“,велат од ЗХГ.



