Центарот за управувавње со кризи излезе со најнови информации за состојбата со последиците од обилните врнежи што ја зафатија земјава.
Според податоците со кои располага РЦУК, до 13:30 часот евидентирани се неколку свлечишта во Полошкиот регион, а непроооден е патот од село Џепиште кон село Ѓермо.
Пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улицата 146, а евидентирано е и свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од Жичарницата. Свлечиште е пријавено и на улицата „Прохор Пчински“.
Во селото Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во општина Желино, реката Вардар е излеана во селото Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.
Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце.
Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце.
Во Гостивар состојбата се стабилизира. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита, а во селото Форино, по излевање на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.
Во Кумановски регион, во моментот нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата. Од вчерашните врнежи поплавено е земјоделско земјиште во селото Опае во општина Липково, како и дел од земјоделските површини во село Оризаре. Во населбата Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река.
Во Кичевскиот регион, нивото на реките е намалено. Состојбата во Градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Се врши испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.
Во Скопскиот регион, пријавена е надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај селото Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.


