Во Албанија денеска се одржува Министерскиот состанок за Коридорот 8, со фокус на дискусиите за унапредување на соработката во областа на поврзувањето, одржливоста и регионалната интеграција.
Министерскиот состанок се организира под покровителство на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, со учество на делегации од министерствата за надворешни работи и други институции од неколку земји, меѓу кои Албанија, Северна Македонија, Италија, Романија и Бугарија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, изјави дека земјите учеснички се согласиле дека Коридорот 8 претставува многу важна врска меѓу Јадранот, Јонското и Црното Море.
Тој додаде дека Коридорот 8 може да го забрза интегрирањето на Западен Балкан во заедничкиот европски пазар.
„Ја препознаваме неговата вредност што ја има за воената мобилност и за НАТО, како и во контекст на ЕУ. Северна Македонија е во срцето на овој коридор. Коридорот 8 може да стане оска не само на транспортна поврзаност, туку и на енергетска мобилност и отпорност. Можеме да ги зајакнеме енергетските врски и да ја поддржиме стабилноста на мрежите“, рече Муцунски.
Спиропали: Коридорот 8 е стратегиски ресурс за поврзување и европска безбедност
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, изјави дека Коридорот 8 е стратегиски ресурс за поврзување и европска безбедност и дека Албанија е една од најсигурните раскрсници на овој проект.
Таа додаде дека Коридорот 8 не е само инвестиција, туку стратегиска неопходност.
„Албанија не чека Коридорот 8 да се реализира. Ние веќе го градиме. Низ целата земја, коридорот е во центарот на нашата национална транспортна стратегија. Имаме портфолио на приоритетни проекти во вредност од над две милијарди евра, а повеќето од нив се веќе подготвени за реализација“, рече таа.
Спиропали нагласи дека Коридорот 8 придонесува не само за трговијата и економскиот раст, туку и за колективната одбрана, одржливоста и стабилноста во поширокиот простор на Црното Море и Медитеранот.
„Коридорот 8 е единствената вистинска оска исток – запад во Југоисточна Европа. Тој го поврзува Јадранот со Црното Море преку нашите земји, сите членки на НАТО. Ова му дава на коридорот втора, многу практична димензија. Тој не е само економски и интеграциски проект, туку и коридор на интероперабилност“, изјави Спиропали.
Тајани: Коридорот 8 е важен за мобилноста на НАТО –
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, изјави дека Коридорот 8 е клучен за трговијата и безбедноста, нагласувајќи дека ќе има значајна улога за мобилноста на НАТО. Според него, проектот за Италија претставува и политички, а не само инфраструктурен приоритет.
Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Павлов, истакна дека коридорот има политичка, стратегиска и економска важност, како и значење за одбраната.
Романскиот амбасадор во Албанија, Октавијан Сербан, нагласи дека стратегиската димензија ги обединува земјите учеснички.
The post Муцунски: Ја препознаваме вредноста на Коридорот 8 за НАТО и воената мобилност appeared first on Во Центар.



