Македонија и Словачка отвораат нови патишта за економска соработка

Владите на Северна Македонија и Словачка цврсто стојат зад соработката на компаниите, истражуваат можности за интензивирање на трговските партнерства и размена на искуства и експертиза, а денес, во рамките на Бизнис форумот во Скопјe, потпишаа и Меморандум за разбирање.

Како што беше наведено на Форумот, постои голем потенцијал што треба да се искористи, додека енергетиката, ИКТ, автомобилската индустрија, здравството и туризмот се само дел од секторите каде што соработката може да се интензивира.

„Веќе имаме одредена трговска размена во автомобилската индустрија и некои хемиски производи, но сметаме дека постои нов потенцијал во енергетиката, ИКТ и автомобилската индустрија. Исто така, сакаме да видиме какви се извозните капацитети од двете страни, бидејќи не сме фокусирани само на привлекување инвестиции, туку и на зголемување на извозниот потенцијал, особено во индустриите со висока додадена вредност, како што е македонското вино, кое силно го промовираме“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пред почетокот на Форумот.

Тој информираше дека државата подолг период работи на постигнување договор делегација од Словачка да дојде во нашата земја, заедно со претставници од бизнис заедницата, кои ќе имаат можност да воспостават директен контакт со северно македонските компании и стопански комори.

Според министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменички, претприемачите се движечка сила на економскиот раст, носители на иновации и мостови меѓу земјите, луѓе со визија, храброст и желба за соработка и постигнување резултати.

Како што истакна Каменички, денешниот Форум е платформа каде што се среќаваат идеи, искуства и иновации.

Како потенцијални области за соработка, тој ги спомена ИКТ индустријата, инфраструктурата, енергетиката, здравството, туризмот и земјоделството. Тука, рече тој, Словачка може да понуди експертиза, особено во областа на новите технологии и автоматизираните производствени процеси за постигнување поголема вредност и продуктивност, како и минимизирање на отпадот.

Мониторингот, управувањето и автоматизацијата на процесите со сензори се само еден сегмент од словачката поддршка што Северна Македонија може да ја добие.
The post Македонија и Словачка отвораат нови патишта за економска соработка appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: