ЗНАМ бара намалување на бројот на пратеници од 120 на 90

Потпретседателката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, го потврди ставот на Движењето во врска со потребата од фундаментални и системски промени на изборниот модел во Република Северна Македонија.

„Ставовите на Движењето ЗНАМ се во прилог на воспоставување единствена изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, што ќе овозможи пофер застапеност дури и на најмалите политички субјекти и независни листи на пратеници. Ова, впрочем, беше и барање во одлуката на Уставниот суд“, нагласи Бендевска.

Таа додаде дека непоколебливиот став на Движењето е и намалување на бројот на пратеници во Собранието на 90, бројка што, според неа, би одговарала на реалната големина на населението во земјата.

„Ја потврдувам позицијата на Движењето ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90, што ќе придонесе за рационализација на материјалните, финансиските и човечките трошоци и ќе донесе значителни придобивки за државниот буџет. Во исто време, ќе имаме пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес“, нагласи потпретседателот на Собранието.

Во врска со гласањето на дијаспората, таа потсети дека воспоставувањето на овој модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, според неа, отвори голем број прашања во врска со финансиската изводливост и ефикасност на изборниот процес во странство.

„Сведоци сме колку е скапа изборната постапка, што значи испраќање изборни одбори во дијаспората, додека бројот на гласачи во многу случаи не ги исполни првичните цели и очекувања“, изјави Бендевска.
The post ЗНАМ бара намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: