Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Антикорупциска комисија Цвета Ристовска за „противправно стекнување и прикривање на имот“.
– Имено, Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство.
Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери, велат од Левица.
Според оваа партија, поранешната антикорупционерка го пријавува останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но свесно и намерно, ја изоставила фирмата која постои уште од 2020 година.
– Цвета Ристовска стана симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски, велат од Левица.
Оттаму бараат и ревизија на сите предмети на кои работела Ристовска.


