Амбасадата на Косово во Абу Даби објави дека внимателно ја следи ситуацијата што произлегува од блокадата на воздушниот простор во Обединетите Арапски Емирати и е во постојана комуникација со локалните власти и институции во Косово со цел да се разгледаат најбрзите и најбезбедните опции за евентуална евакуација на косовските граѓани.
Според официјалното соопштение, амбасадата е во тесна координација и со Амбасадата на Косово во Ријад, со цел да се подготват потребните процедури доколку евакуацијата стане неопходна, објавува „Коха“.
Амбасадата ги повика сите косовски граѓани кои моментално се наоѓаат на територијата на Емиратите – и туристите кои останале блокирани, и жителите кои сè уште не се пријавиле во дипломатската мисија, да ја контактираат амбасадата. Граѓаните треба да дадат лични податоци според нивната патна исправа, како и да го наведат градот каде што се наоѓаат и адресата на живеење. Според амбасадата, регистрацијата е неопходна за да се овозможи обработка на барањата за издавање итни патни исправи на границата со Саудиска Арабија. Во случај да се создадат услови за организирана итна евакуација, во координација со властите на Емиратите, институциите на Косово и саудиските власти, се предвидува можност за обезбедување летови од аеродромите во Џеда или Ријад.



