„Или сте со нас или со Иран“: Протекоа детали за планот на Трамп, отворено ги уценува Курдите да го нападнат Техеран

Администрацијата на Трамп, како подготовка за можна ескалација на конфликтот и потенцијално испраќање копнени трупи во Иран, започна интензивни контакти со внатрешната опозиција во Иран.

Главната цел е да се предизвика внатрешен бунт против владата во Техеран, а во центарот на оваа американска стратегија беа Курдите, на кои американскиот претседател Доналд Трамп им постави брутален ултиматум.

Според извори запознаени со „Вашингтон пост“, Трамп оваа недела остварил серија телефонски разговори со лидерите на курдското малцинство во Иран и соседниот Ирак.

Понудата на Вашингтон звучи привлечно, значителна американска воздушна поддршка и друга логистичка помош за иранските Курди да ја преземат контролата врз делови од западен Иран. Сепак, зад оваа понуда се крие тешка политичка уцена.

„Мора да избереш страна“

Висок функционер на Патриотската унија на Курдистан (ПУК), една од двете главни политички партии во ирачки Курдистан, откри детали од разговорот на Трамп со лидерот на ПУК, Бафел Талабани, под услов да остане анонимен.

„Американското барање до ирачките Курди е да го отворат патот и да не ги попречуваат иранските курдски групи што се мобилизираат во Ирак, како и да им обезбедат логистичка поддршка“, рече функционерот.

Но, тонот на Трамп не остави простор за дипломатско балансирање.

„Трамп беше јасен во својот повик. Ни кажа дека Курдите мора да изберат страна во оваа битка, или сте со Америка и Израел, или сте со Иран“, рече функционерот. Оваа верзија на настанот ја потврди висок функционер на Курдската демократска партија (KDP), чиј лидер Масуд Барзани исто така беше контактиран од Трамп.

Во исто време, Трамп разговараше и со Мустафа Хиџри, шеф на најстарата курдска опозициска партија во Иран (PDKI). Оваа партија е дел од новоформираната коалиција од шест курдски партии кои неодамна ги повикаа сите ирански војници, особено оние во Курдистан, да ги напуштат своите бази и да ја одречат поддршката на репресивните сили на Иран.

Иако ваквите американски акции се директен повик за соборување на владата, Курдите се исклучително претпазливи. Ирачките Курди веќе долго време им обезбедуваат засолниште на своите сонародници од Иран, но под строг услов да не коваат заговор против Техеран од нивната територија. Доколку планот на САД и Израел не успее, ирачките Курди ризикуваат да го уништат кревкиот мир што го имаат со Иран.

Историја на предавство

Скептицизмот е оправдан и поради историјата на односите на Америка со Курдите.

„Може ли нашите интереси да се совпаднат? Апсолутно“, рече еден американски функционер, но додаде дека Курдите веројатно ќе почекаат да видат „во која насока дува ветерот“.

Курдите, кои во Иран бројат околу 10 милиони, честопати се чувствувале предадени од Вашингтон. Најнов пример е повлекувањето на поддршката од САД за Сириските демократски сили (SDF), долгогодишен партнер во борбата против ИСИЛ.

„Се наоѓаме во многу чувствителна позиција. Доколку оваа копнена офанзива на иранските Курди не успее, не знаеме каква би била реакцијата на Иран против курдскиот регион во Ирак. Во исто време, не можеме едноставно да го одбиеме барањето на Трамп, особено кога тој лично се јавува и го бара тоа“, призна функционерот на ПУК.

Додека Курдите размислуваат повторно, Израел веќе подготвува терен за евентуално востание. Според Хенри Барки, експерт за курдски прашања во Советот за надворешни односи, Израел „многу систематски бомбардира воени позиции во ирански Курдистан“, предизвикувајќи огромна штета на воените капацитети на Иран. Американските напади, од друга страна, се фокусирани на југот на земјата.

Иран е добро запознаен со тоа што се подготвува. Иранските државни медиуми веќе почнаа да известуваат за „превентивни“ напади врз цели во ирачки Курдистан, тврдејќи дека групите поддржани од САД имаат намера да влезат во Иран и да извршат терористички напади.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, веќе ги „предупреди“ ирачко-курдските лидери Талабани и Барзани по телефон, потсетувајќи ги на договорот од минатата година во кој ирачките Курди се обврзаа да ја заштитат границата од упад на надворешни елементи. По разговорите, двете страни издадоа дипломатски изјави за важноста на „зачувувањето на стабилноста“ и „заштитата на границите“, обидувајќи се да ги смират тензиите.
The post „Или сте со нас или со Иран“: Протекоа детали за планот на Трамп, отворено ги уценува Курдите да го нападнат Техеран appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: