Илјадници жени денес излегуваат на улиците низ светските метрополи

Под глобалното мото на Обединетите нации за 2026 година – „Права. Правда. Акција. За сите жени и девојки“ – илјадници демонстранти денеска излегуваат на улиците на светските метрополи. Меѓународниот ден на жената годинава е одбележан со силни барања за итна институционална пресметка со родово базираното насилство и крај на економската дискриминација. Во фокусот на светската јавност е и заштитата на жените во воени зони, како и нивната улога во мировните процеси.

Во балканскиот регион, за денеска е најавена масовна мобилизација како одговор на серијата трагични случаи на фемицид што го одбележаа почетокот на годината.

Србија: Во Белград, со почеток во пладневните часови, активистите под мотото „Ниту една повеќе“ ќе маршираат низ центарот на градот. Главните барања се насочени кон законско дефинирање на фемицидот како посебно кривично дело.

Турција: И покрај засиленото полициско присуство, во Истанбул и Дијарбакир денеска се очекуваат илјадници жени. Како симбол на отпор против репресивните политики, демонстрантките планираат симболични акции со плетење на косата, што треба да означи единство и нескршливост.

Албанија: Во Тирана и Корча протестите се фокусирани на социјалните последици од емиграцијата и на зголемената ранливост на жените во руралните средини.

Бугарија: Во Софија денеска се закажани низа конференции и маршеви со фокус на економската еднаквост и целосно затворање на платниот јаз меѓу мажите и жените.

Грција: Во Атина женските организации протестираат против влијанието на економската несигурност врз работните права на жените и врз мајчинството.

Хрватска и Словенија: Во Загреб и Љубљана маршевите се насочени кон одбрана на репродуктивните права, како одговор на обидите за ограничување на правото на безбеден абортус.

Низ европските метрополи, 8 Март 2026 година минува во знакот на барања за конкретни правни реформи.

Франција и Шпанија: Во Париз и Мадрид се очекуваат едни од најмасовните протести во Европа, со фокус на ревизија на законите за сексуална согласност и еднаквост при вработување.

Германија: Во Берлин и Хамбург собирите го акцентираат таканаречениот „невидлив труд“, со барања за подобро вреднување на работата во домот и грижата за децата.

Додека во Вашингтон и Њујорк протестите се фокусирани на репродуктивните слободи, во Аргентина и Мексико продолжува силниот крик против убиствата на жени под слоганот „Ниту една помалку“ (Ni Una Menos).

Авганистан: Со огромен ризик по сопствената безбедност, жените во Авганистан најавија протести во затворени простории, барајќи го своето право на образование и работа.

Протестен марш денеска ќе се одржи и на улиците на Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи: