Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски учествуваше на глобалниот форум „Транспортна трансформација 2026“ во Вашингтон, во организација на Светската банка, каде што зборуваше за важноста на инвестициите во главните европски транспортни правци што минуваат низ Македонија.
Во својот говор, Николоски го истакна значењето на Паневропскиот Коридор 10 и Паневропскиот Коридор 8, нагласувајќи дека тие претставуваат стратешки транспортни врски што ја позиционираат земјата како важна транзитна точка во регионот.
Тој нагласи дека инвестициите во инфраструктурата на овие коридори не се важни само за економскиот развој, туку и за безбедноста и стабилноста на регионот.
„Инвестициите во коридорите во Македонија ги комбинираат бизнисот и безбедноста. Со вакви проекти испраќаме позитивни сигнали до инвеститорите и ги зајакнуваме економските перспективи на земјата“, напиша Николоски на социјалните мрежи по учеството на форумот.
Според него, геостратешката положба на Македонија е од особено значење бидејќи токму на нејзина територија се сечат двата паневропски коридори, што ја прави клучна точка за транспортна, трговска и економска соработка во Југоисточна Европа.
The post Николоски: Инвестициите во Коридорите 8 и 10 ја зајакнуваат економијата и безбедноста appeared first on Во Центар.



