Ова е жената која Иран ја осуди на смрт за учество во антивладини протести

Иранските власти осудија жена на смрт за наводно учество во антивладини протести, што би можело да биде прв таков случај, соопштија меѓународни организации за човекови права.

Бита Хемати беше осудена на смрт во вторник заедно со нејзиниот сопруг, Мохамадреза Маџиди-Асл. Истата пресуда ги опфати и Бехруз Заманинеџад и Курош Заманинеџад, кои живееја во истата зграда во Техеран.

Според властите, четворицата осуденици се обвинети за фрлање бетонски блокови кон безбедносните сили од покривот на зграда во главниот град Техеран, за време на протестот.

Организациите „Иран човекови права“ и „Заедно против смртната казна“ предупредија дека овој случај претставува опасен преседан и понатамошна ескалација на репресијата по протестите што ја зафатија земјата.

Според нивните податоци, иранските власти веќе погубиле седум лица поврзани со демонстрациите.

Во заедничкиот годишен извештај, овие организации наведуваат дека најмалку 1.639 лица, вклучувајќи 48 жени, биле погубени во Иран во 2025 година. Ова претставува зголемување од дури 68 проценти во споредба со 2024 година, кога биле евидентирани 975 егзекуции.

Особено загрижувачки е фактот што 21 жена билe погубенi за убиство на своите сопрузи или вереници , додека организациите за човекови права истакнуваат дека многу од нив биле жртви на семејно насилство.

Протестите во Иран, кои ја потресоа земјата во неколку наврати, беа брутално потиснати, а според проценките на активистите, илјадници луѓе загинаа, додека десетици илјади се уапсени.

Организациите за човекови права ја повикуваат меѓународната заедница да изврши притисок врз Иран да ги запре планираните егзекуции и да ги преиспита спорните пресуди.

The post Ова е жената која Иран ја осуди на смрт за учество во антивладини протести appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: