Собранието ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат законските измени за укинување на техничката влада

  Со 67 гласа „за”, 13 „против“ и ниту еден воздржан Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура.

Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски во образложението пред пратениците истакна дека  преодната, односно техничката влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше за цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси. Ваквиот модел, како што рече, произлезе од политичките договори постигнати во 2015 година и првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.

– Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог закон се воспоставува јасна  и применлива  правна рамка која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото. Со предложеното законско решение се воспоставува стабилна и предвидлива правна рамка со која се уредува, се воспоставува стабилна и реална, односно техничка влада до денот на објавувањето на конечните резултати и распределба на мандатите по изборни единици од Државната изборна комисија за првите по ред избори за пратеници во Собранието на Р. Македонија спроведени по денот на влегување во сила на овој закон, по што се создаваат услови за негово укинување – нагласи Јаќимоски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски смета дека собраниската процедура која што е востановена во однос на носењето на законското решение, излегува од рамките на моделот и начинот на кој што е донесен Законот за Влада.
– Зошто? Прво, ова законско решение што се однесува на изборните циклуси за парламентарните избори ја донесено врз основа на преговори помеѓу партиите, односно четирите најголеми партии во Собранието, со гаранција со Европската Унија и со САД. Второ, ова законско решение кога беше донесено и применливо за изборите во 2016 година, одредбите за таква преодна влада престанаа да важат веднага после изборите во 2016 година. На барање на ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот претседател Мицкоски во 2018 година се донесе повторно истото законско решение без ограничување за тоа кога ќе важи, односно со одредба во која што на ваше барање беше ставено дека до влезот на Македонија во Европска Унија. Значи денеска овие ставови кои што вие ги изнесувате како причини за носење на законското решение се сосема нерелевантни или се ставови кои што директно ги побивате вашите барања и предлози кои што сте ги направиле во 2018 година. Трета работа е тоа што законот за влада е дел од рамката, односно од листата на закони за реформската агенда. Со тоа што денеска на брзина, по скратена постапка, наместо во редовна постапка, сака да донесете закон за влада, нема да можеме да ги исполниме тие критериуми за реформската агенда, бидејќи реформската агенда предвидува, како и за другите законски решенија, Изборниот законик, нов Кривичен законик, и исто така и за нов закон за влада. Мислам нема потреба од никакво брзање во однос на носењето законско решение да се вратиме на форматот на кој што разговараме за оваа прашање за која што практично на барање на вашиот претседател тогаш е донесено законско решение кој што го имаме и со консензус со политичките партии и преку дијалог внатре во Собранието да го вратиме – рече Спасовски.

Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.
Преодна Влада подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер си поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација. Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресори каде министерот е од опозицијата.
Дневниот ред на денешната 98. пленарна седница беше дополнет со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пратениците по скратена постапка, со кој се предвидува кандидатот за пратеник да има само државјанство на Република Северна Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи: