Почнува процедурата за укинување на техничката влада, според опозицијата измените се туркаат шверцерски

Со прифаќањето на потребата за носење на измени на Законот за Влада почнува процедурата за укинување на техничката влада. Пратениците денеска со 67 гласа „за“, 13 „против“ и ниту еден „воздржан“, ја изгласаа потребата од носење на вакви законски измени.
Измените ќе се носат по скратена постапка, а доколку бидат изгласани во Собранието се отвара патот за укинување на т.н. Пржинска влада која се избира на 100 дена пред парламентарните избори.
Во образложението се наведува дека техничката влада со текот на времето се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана.
Според опозицијата, власта на шверцерски начин сака да ја укине техничката влада.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција оцени дека ваквиот потег на владата на ВМРО-ДПМНЕ е нетранспарентен и спротивен на досегашниот политички консензус и демократските стандарди.
 – Иако за следниот изборен циклус останува техничката влада, повторно шверцерски се предлага и ќе се сака да се донесе измена во која што техничките министри нема да можат да си донесат свои посебни советници, туку може да изберат само советници од редот на постојните, значи од сегашните силно партизирани од страна на владејачката коалиција и институции во рамките на министерството, рече Филипче.
Посочи дека техничката влада е меѓупартиски договор на четирите најголеми партии и дека само со консензус може да се укине.
Според опозицијата, условите за  фер и демократски избори не се подобрени, туку напротив состојбата укажува на засилена партизација на институциите.
 

Пронајдете не на следниве мрежи: