„Макпетрол“ од полноќ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас за пет денари за литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари за килограм, што во пресметка значи приближно пет денари за литар – изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
– Она што е особено значајно е дека и другите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од пет до шет денари за литар и се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот, која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација – рече Митева.
Таа истакна дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците за намалување на бруто-маржите. Постигнавме согласност, продолжи Митева, овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период да немаме осцилации, кои сега ќе ги имаме оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10 отсто во трговијата на големо и за 9 до 10 отсто во малопродажба ќе имаме намалување.
– Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално дејствување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура по што следуваа разговори со трговците и постигнување договор за намалување на бруто-маржите – нагласи портпаролката на Владата.


