Судењето за 27 април за Мицкоски е политички мотивирано

Случувањата на 27 април 2017 година кога беше направен упад во Собранието повторно ја разбранува јавноста откако денеска еден од осудените лица Јане Ченто поднесе кривична пријава против поранешната обвинителка Вилма Рускоска тврдејќи дека има изјава од сведок кој бил принуден тогаш да даде лажна изјава.
Според премиерот Христијан Мицкоски, станува збор за политички монтиран случај од претходната влада во кој невини лица биле осудени како терористи.
– Невини како терористи, но тие направиле одредени дејствија за кои требало да одговараат реално за тоа што го направиле. Но, за жал, тие одговараа за тероризам, нешто што навистина беше невидено во тој момент. Што се однесува до другите информации од тој период, и самите обвинители и судии се изјаснија дека се работи за монтирани процеси, дека биле уценувани со политички наредби како да се води судењето и за што. Луѓето биле ослободувани од притвор за да дојдат во Собранието да гласаат за уставните измени, така што станува збор за еден тажен процес, изјави денеска Мицкоски.
Од СДСМ, пак порачаа дека 27 април не е политички случај, туку напад врз демократијата. Изјавата на Мицкоски ја оценуваат како обид да се рехабилитира криминалната акција од 27 април.
– Ова е срамна и опасна ревизија на фактите и на најцрниот настан за демократијата во поновата историја на Македонија. 27 април беше организиран обид за државен удар во режија на ВМРО и Никола Груевски.
Насилници со јасна намера влегоа во Собранието, да убиваат пратеници, да повредуваат новинари и вработени и да го урнат уставниот поредок. Тие беа осудени врз основа на докази, а не на „политички налог“, велат од СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи: