Децата живеат во простории што имаат влага и мувла, реагираат во разговор со Инфомакс родители на деца кои престојуваат во градинката „8 Март“ во Расадник, Кисела Вода. Од Општината велат дека по нашето прашање поставено утрово бил извршен вонреден надзор, но не биле констатирани никакви проблеми во просториите во кои престојуваат децата.
– Децата се по месец и пол болни, не можеме да ги излечиме, на фотографијата се гледа дека се поставени маси за децата да не отидат кај што е влагата, а таа градинка се доградува, нов дел прават, ама јас колку што знам е реновирана затоа што од надвор е целата нова, реагираат родители кои сакаа да останат анонимни.
Утрово поставивме прашање и до Општина Кисела Вода, од каде одговорија дека до сега не бил пријавен никаков проблем, а денес била извршена вонредна проверка и не е констатирана влага во ниту една од просториите.
– Во интерес на точното и објективно информирање на јавноста, а пред сè, водени од нашиот врвен приоритет, безбедноста и здравјето на најмладите, Ве информираме за следното:
Во објектот на градинката „8 Март“ во населбата Расадник, како и во сите останати општински градинки, континуирано се спроведуваат редовни надзори и посети со цел одржување на највисоки стандарди за престој. Оттука, навистина сме изненадени од ваквите обвинувања кои воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба.
Сакаме јасно да нагласиме дека до овој момент, до Општината не е пристигната ниту една официјална претставка или забелешка од родители во врска со наведениот проблем.
Сепак, веднаш по добивањето на Вашето прашање, денес е извршен вонреден надзор, со посебен фокус на занималните што ги посочивте каде што престојуваат децата на двегодишна возраст, како и на санитарните јазли. При увидот е утврдено дека во просториите не постои никаква влага ниту мувла, со што се потврдува неоснованоста на ваквите тврдења.
Дополнително, потсетуваме дека овој објект во 2020 година е целосно реновиран. Во таа прилика е поставена нова фасада, целосно се заменети прозорците и вратите, а паркетот е темелно иструган и лакиран.
Грижата за објектите е наш континуиран процес. Во таа насока, како дел од редовното тековно одржување, во претстојниот период, е планирано варосување на занималните.
Општината останува отворена за транспарентна соработка, секогаш ставајќи ја благосостојбата на децата на прво место. Токму затоа, силно апелираме темите поврзани со најмладите да останат надвор од какви било тенденциозни обиди за конструирање случаи и дезинформирање на јавноста, бидејќи детското здравје е премногу сериозна тема за да биде предмет на какви било пресметки. – велат од Општина Кисела Вода.



