Најдобриот утрински пијалок за здраво стареење

Постои утрински пијалок кој може да ја зголеми енергијата, а воедно да го поддржи поздравото стареење. Може да се пие топол или ладен, а нутриционистите сè повеќе го нагласуваат како подобар избор од многу други утрински пијалоци. Станува збор за мача, пишува EatingWell.

Како матча помага при здраво стареење

Мача, како и зелениот чај, е богата со епигалокатехин-3-галат (EGCG), моќен антиоксиданс кој може да помогне во намалувањето на воспалението и оксидативниот стрес.

„Како што старееме, нашите тела се изложени на поголем оксидативен стрес, што може да придонесе за стареење на клетките и развој на хронични болести“, објаснува нутриционистката Вал Ворнер.

„Со редовно пиење мача, можеме да му помогнеме на телото подобро да се одбрани од овој процес.“

Антиоксидансите во мачата помагаат во неутрализирање на слободните радикали, кои можат да ги оштетат клетките и да го забрзаат стареењето. Иако и мачата и зелениот чај се добиваат од растението Camellia sinensis, мачата има посилен антиоксидативен ефект бидејќи се консумира целиот лист.

,,Мачата е побогата со полифеноли, како што е EGCG, од зелениот чај“, објаснува нутриционистката Сима Шах.

Покрај EGCG, мачата содржи и други антиоксиданси, како што се рутин, кверцетин, хлорофил и каротеноиди. Сепак, нутриционистите забележуваат дека млечните протеини можат да се врзат за антиоксидансите во мачата и да ја намалат нивната ефикасност. Затоа, за мача лате се препорачува незасладено растително млеко, како што се бадемово, соино, кокосово или овесно млеко.

Поддржува здравјето на цревата

Матчата содржи и пребиотски соединенија кои минуваат низ дигестивниот систем до цревата, каде што ги хранат корисните бактерии. Тие произведуваат бутират, антиинфламаторна супстанца важна за здравјето на цревната бариера и имунолошката функција.

„Здравиот микробиом игра важна улога во варењето, имунитетот, па дури и во регулирањето на воспалението“, вели Ворнер.

Л-теанин и кофеин за подобар фокус

Антиоксидансите и пребиотиците не се единствената причина зошто мачата се поврзува со здраво стареење.

„Мачата го поддржува когнитивното здравје, расположението и меморијата“, вели Шах. Комбинацијата од кофеин и Л-теанин, аминокиселина што се наоѓа во мачата во релативно високи концентрации, е исто така одговорна за ова.

„Л-теанинот работи заедно со кофеинот за да обезбеди помирна, пофокусирана енергија, без тремата што некои луѓе ја чувствуваат по кафето“, додава Ворнер.

Ова може да помогне во концентрацијата, менталната јасност и зачувувањето на когнитивните функции во староста.

Сепак, матча не е за секого.

,,Луѓето кои се чувствителни на кофеин треба да ја избегнуваат или ограничат употребата на матча бидејќи содржи повеќе кофеин од обичниот чај“, забележува нутриционистката Лиса Ендрус.
The post Најдобриот утрински пијалок за здраво стареење appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: