Седум лица се приведени во Северна Македонија под сомнение за обид за палење верски објект на Еврејската заедница во Скопје, а две лица се обвинети за кривично дело „тероризам“.
Обидот за палење синагога и зграда на Еврејската заедница во Скопје се случи на 12 април околу 4:50 часот наутро, кога две лица скокнаа преку ограда, го полеаа влезот со запалива течност и предизвикаа пожар, што беше потврдено со снимки од безбедносните камери.
Во инцидентот нема повредени, а полицијата започна истрага и ја зголеми безбедноста околу еврејските згради во градот.
Како што денес соопшти Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, преземени се соодветни мерки и активности и, врз основа на претходно добиени наредби за претрес на куќа и други простории, извршени се претреси на 13 локации на територијата на Скопско, при што се приведени седум лица и се запленети предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело, се вели во соопштението.
По наредба на јавен обвинител, лицата се приведени за понатамошна постапка, по што Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против А. Љ. (21) од Скопско и А. Р. (38) од Скопско поради основано сомнение дека сториле кривично дело „тероризам“ по член 394-б од Кривичниот законик во врска со член 24 од Кривичниот законик, а судијата за претходна постапка им одреди мерка притвор.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информира дека лицата кои се обидоа да ја запалат синагогата во Скопје, имале логистичка мрежа и припаѓале на радикална групација идеолошки надоврзана на глобалната мрежа на Исламска Држава.
Тие почнале да преземаат радикални и криминални активности непосредно по повикот на Исламска Држава на почетокот на април, велат од АНБ.
Според информации на „Слободен печат“ од доброупатени извори, станува збор за лица од скопската населба Скопје Север.
The post Седум лица се приведени за обид за палење верски објект на Еврејската заедница appeared first on Provereno.



