Илјадници работници и демонстранти одбележувајќи го 1 мај, штрајкуваа низ сите поголеми европски градови, барајќи повисоки плати, повеќе социјални права и поголемо вреднување на трудот. Во Грција поради 24 часовниот штрајк свикан од главните синдикати имаше прекини во јавниот превоз, метрото во Атина, а рестрикции имаше и на железничкиот сообраќај. Автобусите и тролејбусите работеа со ограничен распоред, а фериботите останаа на пристаништата бидејќи и морнарите се приклучија на штрајкот.
Синдикатите ги повикаа граѓаните на колективна акција за која рекоа е „поитна од кога било“, за правда, демократија и држава што му служи на општеството „наместо на интересите на малкумина“.
Тие бараат враќање на бонус платите, зголемување на платите преку колективни договори, мерки за олеснување на даноците и укинување на замрзнатите плати што беше воведено за време на децениската финансиска криза. Исто така, повикаа на масовно вработување во јавните служби, зголемено финансирање за здравствена заштита, укинување на анти-трудовите закони и запирање на приватизациите. Тие го опишаа Први мај 2026 година како „потсетник дека ништо не е загарантирано без колективна борба“.
Масовни протести имаше и во Париз организирани од најголемиот француски синдикат, на кој присутните побараа поголеми работнички права и поголеми плати. Тие негодуваа и за намерите на властите да се укине 1 мај како државен празник.
„Би испратило исклучително негативен сигнал до остатокот од светот доколку Франција го укине 1 мај како државен празник – слободен ден од работа со загарантирана плата. Токму затоа нашата кампања доби поддршка од синдикатите ширум светот, особено од Меѓународната конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати, кои ни кажаа дека ова не е проблем само за француските работници, туку и за работниците во други земји“ изјавија Софи Бине, генерален секретар на францускиот синдикат.
Во Париз инттервенираше и полицијата, имаше и солзавец но беше избегнат судир со демонстрантите.



