Освен „Дура“ и „Аптив“ за сега нема најави за „селење“ на други компании од технолошко-индустриските развојни зони-вели директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски во емисијата Бизнис 21. Според него и покрај кризата од конфликтот на Блискиот Исток, состојбата во зоните е стабилна, нема намалување на нарачки и број на вработени. Во првиот квартал годинава пораснал и извозот од зоните. За драстичниот пад на странските инвестиции од 1,25 милијарди евра во 2024-та на помалку од 500 милиони евра лани, Димовски вели тоа се должи на фактот што компаниите од Македонија враќале пари на своите сопственици во странство.
„Во 2024-та вкупни должнички инструменти кои се однесуваат на заеми позајмици помеѓу мајката фирма и мајката ќерка биле во плус 686 милиони евра. Што значи тоа што компаниите од странство префрлувале по однос на заеми и други средства на компаниите во Македонија. Додека во 2025-та тој износ изнесува 103 милиони евра со минус, значи има одлив. И ако 2024-та се собираат тие две во 25-та се одземаат“, вели Гоце Димовски.
Димовски вели се работи на Националната стратегија за развој во која ќе има нов концепт на привлекување на странски инвеститори. Покрај проектот „Инвест ин Маседонија“ за кој не откри детали како и што ќе нудиме, сега странските инвеститори наместо по шема, ќе се привлекуваат поединечно.



