Јапонија ќе увезува сурова нафта произведена во Русија за првпат по февруарските американско-израелски напади врз Иран, што доведоа до фактичко затворање на Ормутскиот теснец, објави функционер од Министерството за економија, трговија и индустрија на Јапонија, пишуваат светските медиуми.
Нафтата потекнува од проектот „Сахалин-2“ на рускиот Далечен Исток, а пратката ја купи јапонската компанија „Таиџо ои“л. Танкерот за нафта исплови кон крајот на април и се очекува да пристигне во префектурата Ехиме во западна Јапонија, објави новинската агенција Кјодо.
Овој потег доаѓа во време кога Јапонија, која е во голема мера зависна од увозот на енергија од Блискиот Исток, се стреми да ги диверзифицира своите извори на снабдување поради нарушувања на глобалниот пазар.
Проектот „Сахалин-2“ го води рускиот енергетски гигант Газпром, со учество на јапонските компании Мицубиши Корпорејшн и Мицуи и Ко како значајни партнери.
Според јапонските власти, оваа испорака не е предмет на санкциите што САД и европските земји ги воведоа врз Русија по почетокот на војната во Украина во 2022 година.



