Во фокусот на работната средба беа клучните стратешки определби на компанијата: извозната ориентација, капиталните инвестиции, вложувањата во едукација, примената на ESG-стандардите, проектите за општествена одговорност и долгорочната посветеност на одржлив раст и глобална пазарна диференцијација.
Делегација на Британската амбасада во Скопје, предводена од Н.Е. Амбасадорот Метју Лосон, оствари официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, на која домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов. За време на посетата беа презентирани развојот на компанијата, нејзините пласмани и производственото портфолио, а делегацијата ги посети и Музејот на „Алкалоид“, производствените капацитети на ПЦ Фармација и Институтот за истражување и развој.
„Алкалоид“ АД Скопје е присутен на пазарот во Обединетото Кралство од 2007 година, кога британската Агенција за лекови и медицински помагала (MHRA), избрана од компанијата како референтен регулатор, по извршената инспекција на производствените капацитети, на сегментот фармација му додели сертификат за сообразност со ЕУ-стандардите за добра производствена пракса (ЕU-GMP). Набргу потоа беше издадена и првата дозвола за пласман на лекот Лизиноприл. Денес „Алкалоид“ има над 1.000 дозволи за пласман на свои фармацевтски производи на пазарите во Европската Унија.
По излезот на Обединетото Кралство од Европската Унија, во 2021 година „Алкалоид“ ја основаше својата подружница Alkaloid UK Limited, со цел отворање нови можности и форми за проширување на операциите. Велика Британија претставува особено пребирлив и конкурентен пазар на кој влезот е исклучително сложен, пред сѐ поради високите стандарди што мора да ги исполнат производителите во рамките на една од најстрого регулираните индустрии во светот – фармацевтската. Проценките се дека до крајот на 2026 година пласманот на фармацевтските производи на „Алкалоид“ на британскиот пазар ќе достигне околу 4 милиони евра.
Од 2023 година „Алкалоид“ АД Скопје е член на Британската бизнис-асоцијација (ББА), која, во тесна соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје, работи на унапредување на конкурентната, транспарентна и современа бизнис-средина. Асоцијацијата се позиционира како препознатлива платформа за промоција на иновации, одговорни деловни практики и нови економски трендови.
Пронајдете не на следниве мрежи:



