Ерик Флеминг, лиценциран советник за лекување зависности, кој призна дека учествувал во дистрибуцијата на кетамин што доведе до смртта на американскиот актер Метју Пери, треба да биде осуден денес во федералниот суд во Лос Анџелес, објави ABC News.
Флеминг е еден од петте лица кои се изјаснија за виновни во врска со случајот за смртта на актерот во 2023 година.
Според обвинителството, тој е обвинет за учество во набавката и дистрибуцијата на десетици ампули кетамин за Метју Пери , вклучувајќи ја и дозата што, според обвинителството, довела до предозирање и предизвикала негова смрт.
Флеминг, според обвинението, бил дел од дистрибутивен синџир во кој посредувал помеѓу дилерот и личниот асистент на актерот, и покрај тоа што знаел за неговата историја на зависност и ризиците од користење на нелегално произведен кетамин.
Обвинителството тврди дека Флеминг набавил кетамин од дилерот Џасвин Санга, ја зголемил цената и го доставил во домот на Пери, каде што му го продал на својот личен асистент, Кенет Ивамаса.
Тој изрази жалење во писмо до судот.
„Никогаш не помислив на најлошиот можен исход. Овој болен неуспех ќе ме прогонува засекогаш“, рече Флеминг, кој, според обвинението, доставил 25 ампули кетамин за 6.000 долари само четири дена пред смртта на Пери.
Ивамаса му инјектирал на Пери оваа количина кетамин на 28 октомври 2023 година и го пронашол мртов неколку часа подоцна.
За ова кривично дело е предвидена казна затвор до 25 години.
Одбраната, сепак, наведува дека Флеминг бил во период на лична криза и дека соработувал со истражните органи, што помогнало во понатамошното гонење на другите обвинети, барајќи казна од три месеци затвор и девет месеци во установа за лекување од зависност.
Адвокатите тврдат дека тој вложил голем напор да се искупи за своите постапки.
Тој се изјасни за виновен во 2024 година за заговор за дистрибуција на кетамин и дистрибуција на супстанција што предизвикува смрт.
Јасвин Санга, позната како „Кралица на кетаминот“, претходно беше осудена на 15 години затвор.
Кенет Ивамаса, личен асистент кој живеел со актерот, како и двајца лекари, Марк Чавез и Салвадор Пласенсија, се изјаснија за виновни и беа осудени, додека постапките против другите учесници во синџирот сè уште се во тек.
The post „Убијците“ на Метју Пери на суд, чекаат пресуда; До 25 години затвор appeared first on Во Центар.



