ЕК одвои 65,7 милиони евра за Македонија од Планот за раст на Западен Балкан

Европската комисија стави на располагање 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија, како дел од Планот за раст за Западен Балкан.

Европската комисија вели дека трансакциите доаѓаат по третото барање за плаќање и позитивната оценка на Комисијата за преземените реформски чекори во областите на конкурентноста на претпријатијата и иновациите во Албанија и Црна Гора, како и образованието и дигитализацијата во Македонија.

„Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има за цел да ги донесе придобивките од членството на земјите-партнери во регионот дури и пред нивното пристапување во ЕУ, има за цел да ги интегрира партнерите во единствениот пазар на ЕУ, да ја подобри регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање. Ова, пак, го забрзува процесот на проширување и растот на партнерските економии“, потсетува Брисел.

Со денешната исплата, вкупниот износ распределен во рамките на овој фонд достигнува 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Северна Македонија.

Европската комисија доделува средства од овој План за раст поединечно на секоја земја, и тоа само кога таа ги исполнува специфичните услови од нејзината „Реформска агенда“, документ во кој се наведени точните реформи на кои земјата се обврзала. 
The post ЕК одвои 65,7 милиони евра за Македонија од Планот за раст на Западен Балкан appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: