Груевска-Маџовска: Никој не се грижи за македонскиот јазик, Господ да ни е напомош

Доскорешната претседателка на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџовска која даде неотповиклива оставка денеска ги негираше тврдењата на министерот за култура Зоран Љутков дека оставката ја поднела од лични причини.
– Оставката не ја поднесов од лични причини, туку поради односот кон мене од министерот за култура и туризам Зоран Љутков и заканата од државниот советник за култура (Марија Ѓоргова – н. з.), вели професорката Груевска-Маџоска во објава на Фејсбук.
Таа наведува дека кога ја поднела оставката не планирала да дава изјави, но дека вчерашната изјава на министерот ја натерала да се произнесе во интерес на јавноста.

– Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала ниту една средба со министерот за култура и туризам. Ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот како што е ред, ниту барем да ми се заблагодари за сите активности што ги направив во текот на минатата година со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Патем, сето тоа беше направено без пари, сите учесници што настапија на свеченоста во МНТ настапија без пари, па јас дури и сценариото го напишав без пари (нешто што го направив прв пат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината. Прашањето е како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори. Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети“, пишува Груевска-Маџовска.
На крајот на објавата, професорката заклучува дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот). Господ да ни е напомош, вели професорката Груевска-Маџовска.
Министерот Љутков ги негираше обвинувањата и критиките посочувајќи дека 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик било резултат на координирана работа на повеќе институции, а не на поединечни иницијативи. Тој посочува дека Владата, Министерството за култура и туризам и останатите вклучени субјекти обезбедиле организациска и финансиска поддршка за реализација на бројните настани и активности поврзани со јубилејот, како и дека процесите околу подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик се одвивале согласно предвидените процедури.

Според Љутков, новиот претседател на Советот за македонски јазик треба да биде избран денеска на владина седница.

The post Груевска-Маџовска: Никој не се грижи за македонскиот јазик, Господ да ни е напомош appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: